Македонија

„Не бараме милостина, бараме еднаквост“ – поранешните војници протестираа пред Владата

„Не бараме милостина, бараме еднаквост“ – поранешните војници протестираа пред Владата

Разликите во исплатата на отпремнините ги изнесоа на улица поранешните професионални војници, кои денеска протестираа пред Владата барајќи еднаков третман, без оглед на тоа кога заминале во пензија.

Со транспаренти „Не бараме милостина, бараме еднаквост“ и „613 ветерани не бараат виновници, бараат државата да ја исправи неправдата“, тие реагираат на разликите во висината на отпремнината што ја добиле пред и по законските измени од 14 февруари 2024 година.

Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата посочи дека разликите се особено големи, наведувајќи го примерот со отпремнините што ги добивале генералите.

„Од оваа страна на сликата сме ние пензионираните војници пред 14 февруари 2024 година, а од друга страна се оние кои се пензионирале после тоа. Погледнете ги разликите во сумите. Пример, ако некој генерал тогаш земал три илјади евра како отпремнина, сега таа сума изнесува дваесет и пет илјади евра“, изјави Кипријановски.

Покрај барањата на пензионираните војници, Независниот синдикат на професионални војници инсистира и на подобрување на статусот на актуелно вработените во Армијата. Од синдикатот бараат професионалните војници да добијат договори за вработување на неопределено време, како и повисоки плати.

Александар Насковски од Независниот синдикат изјави дека до Собранието поднеле предлог-закон со кој би се запреле новите вработувања во наредните седум години. Според него, на тој начин во буџетот на Министерството за одбрана би се заштедиле меѓу 10 и 12 милиони евра, средства со кои би можеле да се обесштетат пензионираните војници.

„Освен тоа, и сегашните професионални војници ќе добијат договор на неопределено време и право на пензија“, рече Насковски.

Од Министерството за одбрана, пак, образложуваат дека барањата за ретроактивна исплата на повисоки отпремнини, согласно законските измени, се спротивни на законот.

Поранешните професионални војници најавија дека нема да се откажат од барањата и дека, доколку не се најде решение, протестите ќе ги радикализираат и ќе ги прошират во повеќе градови низ државата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни