Премиерот Христијан Мицкоски денеска лично присуствуваше на седницата на Анкетната комисија во Собранието посветена на трагедијата во Кочани, со што директно ги демантираше најавите и обвинувањата од опозицијата дека државниот врв ќе го бојкотира сослушувањето. Тој порача дека наместо „растурање пердуви“ и политиканство, власта е тука за да ги слушне болката и барањата на семејствата.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека и покрај обидите да се креира лажна слика во јавноста, целиот државен врв покажал одговорност и почит кон жртвите.
„Лагите им се распрснаа во раце“
Мицкоски беше остар кон политичките опоненти, обвинувајќи ги за манипулација со емоциите на јавноста во пресрет на седницата.
„И покрај тоа што опозицијата се обидуваше да креира, како по обичај, лажна слика, да растура пердуви дека нема да се појавам јас и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за време на Анкетната расправа, видовте дека сите бевме присутни. Претседателката дојде исто така да биде дел од Анкетната расправа, претседателот на Собранието, и јас лично,“ изјави премиерот.
Тој додаде дека присуството на највисоките функционери е доказ дека „континуираните лаги на опозицијата им се распрснуваат во рака“, а вистината е дека институциите се тука за граѓаните.
Фокус на сведоштвата на родителите
Премиерот потенцираше дека суштината на нивното присуство не е политичка дебата, туку внимателно слушање на оние кои се најпогодени од трагедијата.
„Тука бевме да слушаме. Ги слушнавме ставовите на родителите кои земаа збор, како и дискусиите на дел од организациите како ’Супорт Кочани‘ и ’Кој е следен‘,“ рече Мицкоски.
Ветување за државна помош и нега
Во завршниот дел од своето обраќање, Мицкоски упати длабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените, ветувајќи конкретна институционална поддршка за закрепнување на преживеаните.
„Ние како држава ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме на тие коишто се лекуваат, да ја дадеме сета онаа нега којашто е потребна. Се разбира, сочувствуваме со болката на сите оние семејства коишто ги загубија своите најмили,“ заклучи претседателот на Владата.
