Македонија

Нема обвинители, а работата се зголемува – обвинителите се снаоѓаат со возила на МВР за да стигнат на увид

Недостиг на кадар, лоши услови за работа, но и недостиг на финансиски средства потребни за нормално функционирање на обвинителствата, ова се проблемите со кои секојдневно се соочуваат основните јавни обвинителства. Покрај во Скопје алармантна е состојбата и во другите градови, каде на пример во Велес од предвидените 9 недостасуваат тројца обвинители, во Кавадарци од предвидените 4 работат тројца и тоа во објект кој постојано прокиснува на дождот, во Гевгелија од 4 обвинители има само двајца, а од стручната служба од предвидените 17 има само тројца. Во Куманово  кое е со проширена надлежност по систематизација предвидени се 13 а има само 9 обвинители, а исто така недостасуваат и многу стручни соработници. Јавниот обвинител работи во иста канцеларија каде се сместуваат и доказните материјали.

„За Основното јавно обвинителство Скопје бројката на обвинители потребни по систематизација треба да биде 61, моментално се 46, што значи дека 15 обвинители фалат во основното јавно обвинителство што е бројка која што и тоа како не е за занемарување. Исто така предвидени се 85 стручни соработници, во моментот во основното јавно обвинителство Скопје имаме само 26 стручни соработници“, изјави Мустафа Хајрулаи – Вишо Јавно Обвинителство.

Хајрулаи вели дека често пати се соочуваат со тоа да немаат средства да ги платат обдукциите и вештачењата. Ваквата состојба, додава тој, влијае на работата на обвинителите, но уверува дека тие даваат се од себе за да постигнат резултати.

„Во основните јавни обвинителства ако треба да се оди некаде на увид за нели по новиот закон обвинителот е прв и последен во постапката увидот без јавниот обвинител не може да се изврши, а јавниот обвинител нема средства односно возило да стигне до местото каде се случило кривичниот правниот настан. Во повеќе случаи сме имале такви прилики и јавниот обвинител кој бил дежурен се договара со полицајците односно со претставниците на МВР со нивните возила да стигнат до местото каде што треба да се изврши увид“, изјави Мустафа Хајрулаи – Вишо Јавно Обвинителство.

За недостатокот на кадри вчера напомна и јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој на новинарско прашање дали имаат доволно кадри доколку се случи некои од предметите да  ги преземат од СЈО рече дека недостасува голем број обвинители, но дека ќе соберат сили и нив да ги водат. Хајрулаи вели дека дел од овие предмети претходно биле случаи кои ги водело основното јавно обвинителство Скопје, но сепак дополнително ќе им го зголеми обемот на работата со сегашните капацитети.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни