И јас и премиерот сме наставници и точно ги знаеме предизвиците, рече министерката за образование Весна Јаневска запрашана за покачувањето на платите во образованието. Таа додаде дека годишниот буџетот кој го наследиле во министерството, бил потрошен во првата половина од годинава.
„Да ја истераме оваа година со таа нивна волја и желба, да придонесот за знаењето на учениците, да допринесат за напредок на државата, а она што им следува, бидејќи мене и на премиерот ни е добро познато тие ќе си го добијат, во оној момент кога државата ќе може тоа да го направи, а јас како министер грчевите ќе се борам и на влада и со нив со преговори, тоа да биде што е можно повеќе.“, изјави Јаневска.
Со приближувањето на новата учебна година, родителите интензивно се подготвуваат за школските обврски на своите деца. Министерството за образование и наука веќе започна со дистрибуција на одобрените и испечатените учебници, како и на наставните материјали во училиштата. Министерката Весна Јаневска изјави дека учебници ќе има за сите предмети освен за странските јазици. Таа исто така потврди дека учебниците по историја и општество за 5-то и 6-то одделение, како и учебниците по историја и географија за 7-мо одделение, ќе бидат достапни на време.
„Оваа година ќе стигнат до почетокот на школската година. Дистрибуцијата е веќе почната, ние објавивме дека е почната. Се уште имаме учебници во печат. Длабоко се надевам дека тоа ќе биде испочитувано од дистриубутери, повтоувам дека ќе нема учебници за странски јазици, не по вина на оваа Влада туку по вина на претходната Владата затоа што тендерот е поништен и се уште е во жалбена постапка и ништо што би било во склоп на закон не би можело да се преземе надвор од тоа, додека чекаме да заврши таа процедура.“, изјави Јаневска.
Од Министерството алармираат директорите да бидат подготвени за пример на учебниците, оти дистрибутерите нема да доаѓаат по втор или трет пат.
„Ваша обврска е да ги примите учебниците во терминот кој навремено ви е посочен од дистрибутерот. Сигурна сум дека секој од вас има доволно персонал на располагање и може успешно да ја заврши обврската. Очекувам сите да сме на висина на задачата, со цел добро подготвени да го дочекаме стартот на новата учебна година“, кажа Јаневска.
Во книжарниците низ земјата веќе се чувствува зголемена раздвиженост, при што родителите се информираат за цените на потребните материјали. Се проценува дека трошоците за новата учебна година ќе изнесуваат помеѓу 3.000 и 5.000 денари по ученик.
Иако некои родители сметаат дека овие трошоци претставуваат значителен финансиски товар, други велат дека цените се пристојни и во рамките на очекувањата. Книжарниците забележуваат дека моментално има метеж, но повеќето родители сè уште само се распрашуваат за цените. Сериозното купување на учебниците и останатите материјали ќе започне откако родителите ќе ги добијат потребните списоци од училиштата.

