Има помалку понуди за работа и повеќе невработени луѓе, покажуваат податоците на Нирнбершкиот институт за пазар на труд и работа (ИАБ).
Во третиот квартал имало 1,28 милиони непополнети работни места, 446.500 или 12 отсто помалку во однос на летниот квартал лани. Во однос на претходниот квартал имало четири отсто помалку непополнети работни места.
ИАБ посочи дека ова е четврти последователен квартал со намалување на бројот на отворени работни места, со истовремено зголемување на бројот на невработени. На 100 отворени позиции во просек имало 220 невработени, 67 повеќе од една година порано.
Два фактори придонесуваат за ова, изјави експертот на ИАБ Александар Кубис.
– Прво, бројот на отворени работни места падна за речиси 447.000, а второ, бројот на невработени во Германија се зголеми за околу 180.000, рече Кубис.
Според него, тоа укажува на значително заладување на пазарот на труд од минатата година.
За својата квартална анализа, ИАБ собира податоци четири пати годишно за сите понудени работни места, вклучително и оние што не ги нудат агенциите за вработување, пренесува ДПА.
Новиот извештај собра податоци од 11.783 работодавци од сите сектори на економијата.