Ненад Марковиќ: Политичките случувања во регионот особено во Унгарија и Бугарија, ќе имаат директни импликации и врз Македонија

Политичките случувања во регионот, особено во Унгарија и Бугарија, ќе имаат директни импликации и врз Македонија, оцени политикологот Ненад Марковиќ во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.мк.

Според него, иако промената на власта во Унгарија по долгогодишното владеење на Виктор Орбан е значајна, сепак случувањата во Бугарија ќе бидат многу подетерминирачки за Македонија, поради блискоста и отворените билатерални прашања.

Осврнувајќи се на изборниот резултат во Унгарија, Марковиќ нагласи дека пресудна улога одиграле влошената економска состојба, како и стратегијата на опозицијата да се обедини околу еден политички актер. Во тој контекст, посочи дека новиот политички субјект успеал да го искористи незадоволството и да дојде до значајна победа.

Дополнително, како клучен фактор го посочи изборниот модел, кој, според него, бил креиран токму за да го зацврсти владеењето на Орбан, но на крајот се покажал како „бумеранг“ што придонел за негов пораз.

Сепак, Марковиќ смета дека е прерано да се зборува за политички крај на Орбан, оценувајќи дека тој ќе остане релевантен фактор и во опозиција. Напротив, како што истакна, можно е неговото делување да стане уште порадикално, со оглед дека опозицијата има повеќе простор за поостра реторика.

Во однос на медиумската сцена во Унгарија, Марковиќ укажа дека силното влијание врз медиумите било еден од столбовите на долгогодишното владеење, додавајќи дека пропагандата и обидите за дискредитација на политичките противници продолжуваат и по промената на власта.

Тој заклучи дека иако промените во Унгарија се значајни, вниманието на Македонија треба да биде насочено кон Бугарија, каде идните политички процеси ќе имаат поголемо влијание врз домашните состојби.