Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека заедничката американско-израелска операција против Иран што започна денес „ќе создаде услови храбриот ирански народ да ја земе својата судбина во свои раце“, објави Ројтерс.
„Дојде време сите сегменти на иранското општество да се ослободат од тиранијата на режимот и да создадат слободен и мирен Иран“, додаде Нетанјаху во соопштението.
Израелскиот премиер ги повика Израелците да се „обединат“ за да ја гарантираат „вечноста на Израел“, додаде британскиот весник „Телеграф“. Изданието забележува дека само неколку часа пред почетокот на нападите, Оман соопшти дека Иран се согласил да не складира збогатен ураниум.
Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр бин Хамад Ал Бусаиди, го нарече ова „значаен пробив“ – само неколку часа пред американските и израелските напади да погодат неколку ирански градови.
„Најважното достигнување, според мене, е договорот дека Иран никогаш нема да поседува нуклеарни материјали со кои ќе може да направи бомба“, рече оманскиот министер за надворешни работи по посредувањето во третата рунда индиректни разговори меѓу САД и Иран.
„Ако крајната цел е засекогаш да се осигури дека Иран не може да има нуклеарна бомба, мислам дека го решивме тој проблем преку овие преговори со тоа што се согласивме на многу важен пробив што никогаш порано не е постигнат“, нагласи тој.
Оманскиот дипломат рече дека верува оти сите прашања во договорот меѓу Иран и САД би можеле да се решат „на мирен и сеопфатен начин“ во рок од неколку месеци.
„Мировен договор е во наша моќ… ако само ѝ дадеме на дипломатијата простор што ѝ е потребен за да го постигне“, додаде тој.
