Свет

Невреме и поројни дождови ја поплавија речиси цела Турција

Невреме, поројни дождови и силен ветер има во регионот на Западна и Северозападна Турција, јавуваат локалните медиуми.

Морето ги поплави шеталиштето и патиштата блиску до брегот во Измир во областа Каршјака, јави државната телевизија ТРТ Хабер. Под вода останаа и шините на блискиот трамвај. Општинските екипи се обидуваат да ја испумпуваат излеаната вода во морето.

Поради невремето во Измир откажано е движењето на бродовите. Метеоролозите најавуваат дека лошото време во областа ќе продолжи до утре.

Истанбул од утрото е под влијание на силен ветер кој во некои делови од метрополата достигна брзина од 105 км/ч. Дождови од кал паднаа на места во округот, како и во соседната област Текирдаг.

Во Коџаели, северозападна Турција, невреме однесе покриви на згради. Според турскиот приватен CNN-Turk, се откажани планираните бродски курсеви во областа на заливот Измит.

52 од 81 округ во Турција денеска се предупредени за невреме, јави приватната телевизија НТВ. Метеоролошката служба на земјата објави портокалова шифра за 17 окрузи и жолта шифра за 35 окрузи.

Лошо време денеска се предвидува за Егејска Турција, Западен Медитеран, Централна Анадолија, брегот на Црното Море и регионот на Мрамора. Граѓаните се предупредуваат да бидат внимателни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни