Се посериозно размислуваме за новиот телекомуникациски оператор, бидејќи ова што го гледаме е ограбување на народот, нема друг збор. Ова го изјави министерот за транспорт Александар Николоски алудирајќи на Телеком и А1.
„Знам дека и двата мобилни оператори сакаат да ме компромитираат, но нема да успеат бидејќи кога ќе им стигнат сметките на граѓаните сите ги гледаат“, изјави Николоски во емисијата Клик Плус на ТВ21.
Министерот вели дека Телеком и А1 имале две тактики на напад.
„Прво ме напаѓаа директно, дека сакам да промовирам компанија која што работи со Huawei во Македонија иако ние имаме јасен закон, дека не можат кинески компании да работат, а забораваат двата оператори дека до вчера работеа со Huawei и со ЗТЕ. А надвор од државава уште работат со Huawei и ZTE. Па после кога сфатија дека не можат лично да ме напаѓаат и да ја добијат темава, сега тоа што го прават преку своите маркетинг агенции кои ги имаат, бараат од ваши колеги новинари да ме напаѓаат мислејќи дека на тој начин, ова одговорно го зборувам, мислејќи дека на тој начин ќе ме компромитираат, дека јас ќе изгубам во јавност и молам господ јас да не сум министер овде каде што сум, за да нив им се реши проблемот“, изјави министерот за транспорт Александар Николоски.
Тој додава дека еден ден нема да биде министер, но проблемот кој го имаат граѓаните со високите цени и неквалитетната услуга ќе останат.
„Пробајте да возиме од Охрид за Скопје пола паат немаат мрежа. Не можете телефонски разговор да завршите“, додава Николоски.
Во моментов тендер се уште не е отворен, но од Владата велат дека тоа ќе биде набрзо. Условот ќе биде еден, операторот да доаѓа од земја членка на ЕУ.
„Рок нема затоа што сакам да биде успешно и би сакал да има повеќе од еден оператор кој е заинтересиран. До моментов факт е дека 4iG изрази интерес, потпипшавме меморандум на разбирање, спремни сме да потпишеме меморандум на разбирање и со други оператори. Мој услов ќе биде да биде оператор од земја членка на ЕУ, затоа што ние мора безбедносно да се заштитиме“, додава Николоски.