Иако во јавноста често се перципира како „најскапиот проект во историјата“, автопатот Кичево-Охрид со цена од 13,5 милиони евра по километар е сè уште најевтиниот автопат што се гради во Македонија. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, презентираше компаративни бројки за да ја разјасни вистината околу чинењето на инфраструктурните проекти.
Николоски појасни дека доколку проектот бил завршен на време, цената ќе била уште пониска, но инфлацијата и корона-кризата ги зголемиле трошоците.
„Ако само ја вкалкулирате инфлацијата од времето на пандемијата, кога цените на материјалите пораснаа за 60-70%, добивате јасен одговор зошто реализацијата поскапе. Но, и во такви услови, овој автопат чини 13,5 милиони евра по километар. За споредба, делницата Скопје-Блаце ќе чини околу 21 милион евра по километар, а исто толку ќе чини и делницата Кичево-Букојчани. Проектите што се градат со стратешкиот партнер ‘Бехтел и Енка’ чинат околу 16 милиони евра по километар,“ прецизираше Николоски.
Министерот нагласи дека клучната грешка во минатото не била само во финансиите, туку во катастрофално лошото планирање кое довело до децениско доцнење.
„Доброто планирање е клучно. Да се направеше квалитетен план пред 10 години, сега не само што ќе го користевме автопатот, туку и неговата цена ќе беше многу пониска. Ние првите три месеци од мандатот ги потрошивме на студирање на сите проблеми наследени од претходните раководства, кои биле накрајно неодговорни. Успеавме да ги решиме споровите со изведувачите и да спречиме арбитражни постапки во Париз кои ќе ја чинеа државата милиони,“ истакна вицепремиерот.
Со оваа анализа, Николоски порача дека Владата става крај на практиката на „проектирање во од“ и дека во иднина секој проект ќе започнува само по целосно завршена експропријација и јасна финансиска конструкција, со цел да се заштити буџетот на граѓаните.
