И во услови на глобална нестабилност и криза на Блискиот Исток, Македонија успеа да се позиционира како клучен енергетски центар за воздухопловството во регионот. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, откри дека државата располага со стабилни резерви на керозин кои ги задоволуваат потребите на дури четири аеродроми.
Според Николоски, паметното и навремено планирање овозможило земјава да има залихи на авионско гориво за 90 дена, што е значително над законскиот минимум од два месеци.
„Јавноста треба да знае дека покрај нашите аеродроми во Скопје и Охрид, од тука целосно се снабдува аеродромот во Приштина, а делумно и аеродромот во Ниш. Успеавме да ја направиме Македонија центар за снабдување во овој дел од Балканот. Стабилноста е таква што авиокомпаниите ги пуштаат авионите полупразни за да можат да наточат гориво кај нас и да продолжат на своите далечни дестинации,“ истакна Николоски.
Министерот појасни дека оваа позиција на државата не само што носи профит и економска сигурност, туку е и гаранција дека воздушниот сообраќај ќе се одвива непречено и во најкритичните периоди.
„Додека во регионот се најавуваат откажувања на летови поради недостаток на гориво или високи цени, ние во јуни отвораме пет нови дестинации. Стабилноста со керозин е клучна за авиокомпаниите да имаат доверба во нашите аеродроми. Граѓаните можат да бидат спокојни – имаме и гориво и нови линии за претстојното лето, од Виена и Краков, па се до Сицилија и Сардинија,“ порача вицепремиерот.
Со овој стратешки потег, секторот транспорт под раководство на Николоски покажува дека инфраструктурата и енергетиката одат рака под рака во процесот на зајакнување на македонската економија и нејзиното меѓународно влијание.
