Најавената реконструкција на владиниот кабинет ќе биде процес на темелна анализа на сработеното во изминатиот период, а не само кадровска ротација. Вицепремиерот Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, истакна дека фокусот на Владата е насочен кон ефикасност и испорака на ветените проекти до граѓаните.
Николоски потврди дека премиерот Христијан Мицкоски веќе ги разгледува индикаторите за успешноста на секој ресор, при што клучниот збор ќе го имаат постигнатите цели.
„Премиерот, како мандатар и носител на одлуката, прави своја анализа и согледувања. Тоа е нормален процес во една жива влада која сака да ја задржи динамиката. Ќе се разговара со коалициските партнери, но основата за секоја промена ќе биде – кој добро сработил, а кој не ги исполнил очекувањата во изминатите две години,“ изјави Николоски.
Во контекст на можните нови партнери во Владата, министерот нагласи дека постоечкото стратешко партнерство со ВЛЕН и ЗНАМ е стабилно и дека нема потреба од мешање во внатрешните работи на другите партии.
„Најголем дел од опозицијата сака да се приклучи на владата затоа што гледаат дека таа работи добро. Тоа е политички факт. Но, ние имаме своја визија и веќе воспоставени партнерства. Не сакаме никој да ни се меша во ВМРО-ДПМНЕ, па затоа и ние не се мешаме кај другите. Нашата цел е стабилност која ќе ни овозможи да ги завршиме автопатите, пругите и сите капитални инвестиции без политички опструкции,“ подвлече вицепремиерот.
Николоски заклучи дека политичката стабилност во моментов е на највисоко ниво, што овозможува сите државни ресурси да бидат ставени во функција на економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.