Николовски: Власта ветуваше поништување на Преспанскиот договор, а денес немаат ниту подобра позиција, ниту алтернатива
РРедакција|
Пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, во завршниот дел од гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ направи ретроспектива на клучните социјални и стратешки одлуки на неговата партија, истовремено нотирајќи го, како што вели, политичкиот популизам на актуелната власт.
Николовски потсети дека левицата во својот мандат секогаш ги ставала во примарен фокус работничките права и социјалната сигурност на граѓаните, преку конкретни и видливи мерки.
„Апсолутно е точно дека спроведувавме политики кои директно го подобрија стандардот. Да се потсетиме на почетоците во 2017 година: го решивме деценискиот проблем на над 9.000 стечајни работници, ја укинавме радиодифузната такса и скративме низа други давачки, а драстично ги намаливме и извршителските трошоци кои ги оптоваруваа граѓаните. Минималната плата ја затекнавме на мизерни 8.000 денари, па ја дуплиравме, а истовремено обезбедивме и континуиран раст на просечната плата“, истакна Николовски.
Поранешниот министер признава дека СДСМ во минатото носеше исклучително тешки и политички болни одлуки, но потенцира дека тие биле неопходни за остварување на државните стратешки цели.
„Донесовме тешки одлуки. Промената на уставното име заради влезот во НАТО и договорите со соседите кои со три децении беа заглавени, беа мачни процеси. Но, како што минува времето, гледаме дека тие договори сè повеќе се почитуваат и се поздравуваат од целиот свет“, вели пратеникот.
Николовски упати директна критика кон сегашното раководство на државата, посочувајќи на контрадикторноста во нивното однесување пред и по доаѓањето на власт.
„Актуелната власт изгради цела реторика на критика кон Преспанскиот договор. На собири и митинзи ветуваа дека ќе го вратат старото име, дека ќе ги поништат договорите и дека ќе обезбедат ‘подобра преговарачка позиција’ за државата. Денес, откако се на власт, гледаме дека ниту го поништија договорот, ниту обезбедија подобра позиција. Напротив, државата ја доведоа во целосен ќорсокак“, заклучи Николовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.