Македонија

Нов „Марш на ангелите“ во Кочани: Правда во судница и одговорност од институциите

Нов „Марш на ангелите“ во Кочани: Правда во судница и одговорност од институциите

Здружението на граѓани „16ти Март 2025“ повика на нов „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи во сабота, на 14 ноември, во 16:05 часот, со собирање во Паркот на Револуцијата во Кочани. Од здружението бараат правда, институционална одговорност и конкретни мерки за спречување нови трагедии.

Во објавата наведуваат дека маршот го посветуваат на борбата за правда за нивните „63 ангели“, но и на сите невини жртви кои, како што посочуваат, ги загубиле животите поради системски пропусти, институционално непостапување и неодговорност.

„Не сакаме повеќе минути молк! Сакаме години на одговорност, совесно работење и вистинска превенција!“, порачуваат од здружението.

Во повикот прашуваат до кога за одговорност ќе се зборува дури по трагедиите, наместо опасностите да се спречуваат навреме. Нагласуваат дека различни семејства, погодени од различни трагедии, ги поврзуваат истата болка и борбата за правда.

„Ги повикуваме сите граѓани да застанат покрај нас. Зашто денес ние чекориме со фотографиите на нашите деца, а утре не смее ниту еден друг родител да биде принуден да го прави истото“, се наведува во објавата.

Од здружението истакнуваат дека нивното барање е правдата да се оствари низ институциите.

„Не бараме пресуда на улица – бараме правда во судница, одговорност од институциите и конкретни мерки за трагедиите да не се повторуваат“, порачуваат организаторите.

Повикот го завршуваат со барање за правда за Кочани и за сите невини жртви, нагласувајќи дека не смее да има ниту еден изгубен живот повеќе поради нечие непостапување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни