Нов обид на Уставниот суд за избор на нов претседател на Судот.
Денес ќе биде седми обид на членовите на Уставниот суд, откако пропаднаа шест обиди во претходните две продолженија на седницата да се избере претседател. На седницата во четвртокот и на продолжението во петокот, судиите во шест наврати бираа меѓу кандидатките Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева, но ниту една од нив не го доби потребното мнозинство.
Новиот претседател на Уставен треба да ја замени досегашната претседателка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истече во неделата, на 2 јуни.
Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува. Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.