Поголема сигурност за земјоделците при продажбата на нивните производи и појасни правила за односите меѓу производителите, откупувачите и преработувачите предвидува новиот Предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски посочува дека целта е да се воспостави поуреден и потранспарентен земјоделски пазар, во кој производителите ќе имаат повеќе информации и поголема сигурност при пласманот на производството.
Предлог-законот ги опфаќа организираниот откуп, договорните односи, пазарните информации, интервентните мерки при нарушувања на пазарот, организирањето на производителите, промоцијата на домашните производи, училишните шеми и пазарните стандарди.
„Земјоделството повеќе нема простор за изнудени и ад хок решенија. Градиме систем што навреме ќе ги препознава ризиците, ќе воспостави ред на пазарите и ќе ја намали неизвесноста со која се соочуваат производителите“, вели Серафимовски.
Една од новините се писмените договори меѓу производителите и откупувачите, кои треба да се склучуваат пред испораката на производите. Во нив однапред би се утврдувале количината, квалитетот, цената или начинот на нејзино определување, рокот за плаќање и останатите поврзани трошоци.
Предложеното законско решение не предвидува административно утврдување на откупните цени, туку воспоставување правила за поголема транспарентност и навремено следење на состојбите на пазарот.
Предвидена е и електронска евиденција и јавно достапни податоци за регистрираните откупувачи. Земјоделскиот пазарен информативен систем и националната опсерваторија треба да обезбедуваат податоци за производството, понудата и побарувачката, залихите, цените, увозот и извозот.
Со законското решение се предвидува и поголема улога на организациите и групите на производители. Целта е земјоделците полесно да се организираат, заеднички да планираат и да настапуваат со поголеми количини и усогласен квалитет, што би им овозможило посилна преговарачка позиција со купувачите.
Предлог-законот предвидува и можност за јавна интервенција и поддршка за приватно складирање во случаи на сериозни нарушувања или ризици на земјоделскиот пазар.
Во подготовката на законското решение се вклучени претставници на земјоделски здруженија и задруги, производители, откупувачи, преработувачи, стопански комори, како и научни и стручни институции. Решението предвидува и усогласување со правилата на Европската Унија за заедничка организација на земјоделските пазари.