Подготвен е нов дополнителен пакет воена помош за Украина. Министерот за одбрана Владо Мисајловски информира дека Македонија ќе продолжи да помога, зашто тоа е важно за Украина. Тој додава дека за новиот пакет се чека сите министри да добијат безбедносни сертификати за да може да биде разгледан на владина седница.
„Таа опрема, директно да кажам, е од претходната опрема што се давала и дел од тоа што останало дополнително да се предаде. Но, она што е многу важно да се направи во овој период, а што не е направено изминатите години, е целосна проценка на она што е дадено, бидејќи согласно регулативата ние треба секоја година да издвојуваме средства за помош на Украина, согласно тоа дека сме членка на НАТО, но нема проценета вредност колку чини се она што сме го давале.“, изјави министерот Мисајловски.
Додека Армијата дел од старата опрема ја испраќа за Украина, Мисајловски уверува дека ќе продолжи модернизацијата со нова опрема. Во оваа насока, тој најави ново зголемување на буџетот за одбраната, а очекувањата се да достигне 2,30% од БДП. Во меѓувреме, ќе продолжат непречено да се реализираат веќе склучените договори со САД и Франција за нова опрема. Но и со италијанската фирма „Леонардо“, од која се чекаат осум хеликоптери, а чија набавка заврши со претставка во Антикорупциската комисија.
„Да се разгледа повторно таа претставка и да стигне до нас, бидејќи сакаме да знаеме што се случувало во минатото. Но, она што е склучено по договор ние мора да продолжиме да го работиме, а тоа е една огромна набавка, преку триста милиони евра, за нови осум хеликоптери.“, вели Мисајловски.
Покрај нова воена опрема од јавни набавки, Армијата се збогатува и преку донации. Најновата донација пристигна од Република Турција, а меѓу другото се состои и од дронови и ноќни визири. Туркиот амбасадор Фатих Улусој, но и министерот Мисајловски истакнаа дека двете земји се пријателски, а нивните армии се сојузнички во НАТО и ќе продолжат да соработуваат на воено поле.

