Новата веб-страница на Министерството за здравство посветена на состојбата со западнонилската треска покажува каде во државата се регистрирани случаи на заболувањето, но и каде се наоѓаат потенцијални и детектирани легла на комарци.
Според податоците објавени на сајтот, годинава во земјава се регистрирани 53 случаи на западнонилска треска, од кои 21 пациент се хоспитализирани, а пет лица починале. Стапката на заразеност изнесува 2,7 случаи на 100.000 жители.
Особено внимание привлекуваат податоците за Скопје, каде поплавените подруми и шахти во Аеродром, Ново Лисиче и Чаир се означени како високоризични подрачја за појава на комарци во текот на целата година.
На веб-страницата healthalert.mk се достапни податоци за бројот на заболени, потенцијалните и детектираните легла на комарци, како и за спроведените активности за нивно сузбивање. Наведени се локациите, датумите на прскање и средствата со кои е извршена дезинсекцијата.
Корисниците можат да видат и колку општини се засегнати од заболувањето, како и бројот на регистрирани случаи по општини и населени места.
Податоците покажуваат различна практика кај локалните самоуправи. Во Општина Аеродром се регистрирани четири заболени лица, плус едно лице од Долно Лисиче, но и покрај прогласената епидемија, според објавените информации, не е спроведено вонредно прскање против комарци.
Во Чаир се регистрирани двајца заболени, а во и околу општината се идентификувани високоризични места за појава на комарци. И оваа општина годинава, според податоците, нема извршено прскање против комарци.
За споредба, во Општина Илинден се регистрирани тројца заболени во периодот од април до јули, а таму против комарци било прскано петпати.
На мапата се наведени и други подрачја со висок или многу висок ризик. Меѓу нив се Шуто Оризари со септичките јами и стоечката вода, рибниците и наводнителните базени во Кадино и Мралино, реката Серава во Радишани, Љубанци и Бутел, како и подрачјата низводно кај Арачиново, Мојанци и Орланци.
Како ризични се наведуваат и Отовица, колекторите и лагуните за отпадни води, одводните канали во Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ, каналите во Драчево и Ќојлија, Маркова Река во Драчево и Усје, Катлановското Блато и Бања Катланово, како и каналите во Батинци, Студеничани и Долно Количани.
Меѓу потенцијалните жаришта е наведен и главниот канал за наводнување во Скопско Поле, на потегот Илинден-Кадино-Марино.
Езерцата во Градскиот парк се оценети како подрачја со среден ризик. Според објаснувањето, самите езерца се послаб извор, но доколку дојде до застој на пумпите во период од осум до десет дена, може да се создаде цела генерација комарци. Дополнителен фактор е присуството на птици, кои можат да бидат домаќини во циклусот на пренесување на вирусот, како и големата изложеност на луѓе во овој дел од градот.
Сајтот содржи и податоци за видот на комарецот што е детектиран на одредена локација, како и проценка на ризикот – од низок и среден, до висок и многу висок.
Последното ажурирање на податоците е направено вчера во 16:45 часот. Доколку информациите продолжат редовно да се ажурираат, платформата може да биде корисна алатка за следење на состојбата и навремено преземање мерки од страна на надлежните институции.