Нови докази за пропусти во случајот со дискотеката „Пулс“: Инспектори од различни институции ги предупредувале сопствениците за контроли

Сè уште не е започнато судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но веќе се појавуваат нови докази кои укажуваат на сериозни пропусти и корупција. Според „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ), во јавноста излегле разговори помеѓу сопствениците на дискотеката и различни инспектори, кои однапред ги предупредувале за контроли.

ИРЛ објави дека лица од Државниот пазарен инспекторат и од Управата за јавни приходи не само што не постапувале по закон, туку и примале скапи подароци за возврат. Во истражувањето се посочува и името на локалниот инспектор Драган Паунов, познат како Дацо Жути, кој е брат на в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска – судот каде што треба да се води процесот за „Пулс“.

Овој конфликт на интерес дополнително ја засилува недовербата кај семејствата на жртвите и јавноста. Димовска, која е од Кочани имала професионална кариера со ВМРО-ДПМНЕ и во минатото се изземала од предмети против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, поради блискост со дел од обвинетите. Според сведоштва, сопствениците на дискотеката дури биле во комуникација и со инспектори од МВР кои барале привилегии – дури и резервирани маси во клубот.

Додека новите докази укажуваат на системска корупција и негрижа, семејствата на загинатите и преживеаните и понатаму ја раскажуваат својата голгота.

„Кога стигнавме таму гужва, дим, пламен. Немаше струја. Наидов на зид од деца. Тие беа испреплетени едно преку друго, сите во безсознание. Не дишеа… Моето дете не можев да го најдам. За 500 луѓе 1 излез два метри – тоа е убиство“, вели Сашко Алексов, татко на починатата Сара Алексова.

Преживеаниот Јорданчо Ефтимов се присетува: „Додека лежев на земјата се бев помирил дека ќе умрам таму… Во моментот кога ја протнав раката, сфатив дека ме вадат од гомилата. Тоа беше чудо“.

За мајката Марија Петрушова, која го загуби синот Андреј, најтешки биле моментите кога нејзиниот друг син Кристијан се обидувал да го пронајде брат му меѓу чадот и телата: „Вика – јас влегов, се е темно, некој ќе те фати за нога, ти го влечеш надвор, не гледаш кој е“.

Сведоштва на родители и очевидци опишуваат апокалиптична слика: мртви тела на сите страни, премногу деца во болницата, ходници преполни со крв и очај. „Кога влегував во болницата пазев да не згазам некое детенце“, потресено изјави Драги Стојанов, татко на починатиот Томче.

Градот Кочани никогаш нема да биде ист. „Нема веќе живот тука, сите бараме правда“, велат жителите. Но, прашањето останува: дали таа правда некогаш ќе дојде, ако истите институции кои требало да штитат – всушност ги изневериле најневините?

Од Основното јавно обвинителство испратија став на сторијата на ИРЛ: „Сите наведени докази Јавното обвинителство ги има предвид и по нив постапува и врши проверки. При поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појаснија дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи. Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение. Дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност од чл.292 од КЗ ,не беа предмет на ова обвинение, па проверките во однос на УЈП се вршат во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци. Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што презентираната комуникација е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во Судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение. Јавното обвинителство апелира за воздржаност од изнесување непроверени информации кои можат да ја загрозат натамошната постапка, како и постапката за оцена на поднесеното обвинение“, велат од ОЈО.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.