Од следната недела неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажни места со платежните картички на „Алта банка“ АД Битола ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Меѓу најавените олеснувања е и можноста клиентите во целост да ги повлекуваат новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери, доколку уплатите доаѓаат од институции или компании што имаат сметки во други банки. Оваа мерка се однесува на новите приливи, а не на целокупните средства што клиентите веќе ги имаат на сметките.
За граѓаните без платежни картички, од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтери и во Тетово и Струмица, каде што ќе можат да подигнат до 20.000 денари.
Народната банка ќе организира и автобуски превоз за клиентите од Прилеп, Ресен и Охрид до филијалата во Битола, за полесно да ги подигнат пензиите и социјалната помош.
Славески нагласи дека банката продолжува да работи и дека привремената администрација не значи стечај.
„Алта банка АД Битола продолжува да работи. Не е во стечај, не е одземена дозволата за работа. Администрацијата е привремена мерка која се применува до промена на сопственоста“, изјави гувернерот.
Според оценката на Народната банка, банката е ликвидна и високо капитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио. Славески повтори дека средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, а ограничувањата се воведени за да се зачува ликвидноста и да се заштитат интересите на сите штедачи.
Во однос на можната промена на сопственоста, се споменуваат шест заинтересирани инвеститори, меѓу кои и две домашни банки. Засега не се соопштени нивните имиња, ниту дополнителни детали за евентуалното преземање.