Во Националниот парк „Маврово“ започна постапката за поставување минерални и витамински блокови наменети за дополнителна исхрана на дивечот во текот на претстојните есенски и зимски месеци.
Активностите ги реализира службата за заштита на природата на подрачјата со повисока надморска височина, како дел од редовната есенска програма на паркот.
„Во овој период, ренџерите и вработените во службата за заштита на природата се на терен и поставуваат минерални и витамински ‘блокови’ за дополнување на исхраната на дивите животни во текот на есента и зимата“, информираат од управата на НП „Маврово“.
Оваа прихрана е од клучна важност за одржување на виталноста на тревопасните животни, пред сè дивите кози и срните, но е корисна и за останатиот див свет во паркот. Паралелно со акцијата за прихрана, ренџерските служби спроведуваат и засилени контроли и редовни обиколки на теренот со цел следење на состојбата во заштитеното подрачје.