Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители побараа од Уставниот суд итно да постапи по иницијативите за оценување на уставноста на законските измени со кои по третпат се намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители. Предупредуваат дека натамошното одложување може да ја загрози самостојноста на обвинителството и да предизвика сериозен одлив на кадар.
Во заедничкото соопштение, трите институции и организации изразуваат сериозна загриженост поради тоа што Уставниот суд повеќе од осум месеци не донел конечна одлука по поднесените иницијативи за оспорените одредби од Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители.
Според нив, намалувањето на коефициентите не претставува само прашање на висината на платите, туку директно ја засега самостојноста на Јавното обвинителство и создава сериозна нерамнотежа меѓу судската и јавнообвинителската функција, спротивно на европските и меѓународните стандарди.
Од обвинителската фела потсетуваат дека и самиот Уставен суд, во решението за поведување постапка за оценување на уставноста, изразил сомнеж во уставноста на законските измени.
„Судот изрази сомнеж дека законодавецот, со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, навлегол во уставно загарантираната независност и самостојност на јавното обвинителство“, се наведува во дел од образложението на Уставниот суд.
Во решението се посочува и дека ваквите законски измени го доведуваат во прашање остварувањето на уставното право на вработените на соодветна заработувачка.
Обвинителите сметаат дека секое натамошно одложување е неоправдано, особено имајќи предвид дека Уставниот суд веќе отворил постапка и изразил сомнеж во уставноста на оспорените решенија.
Тие предупредуваат дека оспорувањето на принципите на независност и самостојност на обвинителството претставува опасен преседан, кој може да доведе до заминување на обвинителски кадар и дополнително да го отежне функционирањето на институцијата.
Во соопштението се тврди и дека платите на јавните обвинители во Македонија се најниски во споредба со останатите земји од регионот.
Дополнителен проблем, според обвинителите, претставуваат хроничниот недостиг од административен и стручен кадар, недоволните буџетски средства и несоодветните услови за работа. Оценуваат дека ваквата состојба станува неодржлива и може директно да се одрази врз заштитата на правата на граѓаните.
Од Советот, Обвинителството и Здружението очекуваат проблемите да бидат нотирани и во претстојниот извештај на Европската комисија за Македонија, како значително назадување и дополнително загрозување на самостојноста на Јавното обвинителство.
Тие повторно апелираат до Уставниот суд да ги разгледа аргументите доставени во иницијативите, поткрепени со споредбени анализи од земјите во регионот и Европа, и да донесе одлука со која, како што наведуваат, ќе се исправи неправдата нанесена на обвинителството како еден од клучните столбови на правната држава.