Со силни и емотивни воведни зборови, обвинителот Борче Јанев денеска пред судечкиот совет го започна обраќањето во случајот за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март 2025 година животот го загубија млади луѓе, а десетици беа повредени.
Од самиот почеток, Јанев нагласи дека катастрофата не била последица на една грешка или на еден пропуст, туку резултат на долготрајна институционална неажурност, игнорирање и незаконско постапување.
„Снимките кои го обиколија светот се само завршниот, фатален чин на едно институционално невидливо, а реално и одгледано зло,“ рече Јанев, потенцирајќи дека пожарот бил само последниот дел од „синџирот пропусти“ што системот ги толерирал со години.
„Пулс“ – незаконски објект со години, а никој не реагирал
Обвинителот истакна дека клубот „Пулс“ никогаш не смеел да постои на местото каде што функционирал, ниту имал соодветна намена, ниту бил одобрен како угостителски објект.
„Во Кочани не изгоре само објектот. Изгоре и вербата дека одговорните во системот се тука да заштитат,“ рече тој, додавајќи дека бројни институции со години молчеле, иако ја знаеле опасноста.
Според обвинението, првите предупредувања за незаконитоста на објектот датираат од 2012 година, кога бил поднесен првиот обид за добивање лиценца, кој бил законски одбиен. Но, само две недели подоцна, по сменета инспекциска процедура и со лажни документи, клубот добил дозвола да работи — одлука која денес е предмет на истрага и сомнежи за корупција.
Обвинителот: „Ова не беше несреќа. Ова беше предвидлива трагедија“
„Овој настан не е судир на непознати околности, ниту случајна игра на судбината,“ нагласи Јанев. „Станува збор за калкулиран ризик кој некој го прифатил, а го платија оние што немаа избор.“
Обвинителството тврди дека сите надлежни институции – Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, МВР, пазарниот и државниот инспекторат, Министерството за економија – имале законска должност да спречат функционирање на опасниот објект, но никој не презел ништо.
„Сите чекале некој друг да реагира“
Јанев посочи дека во сите институции се повторувал ист образец: одговорноста се префрлала од една служба на друга, без реално постапување.
„Сите чекале граѓаните да пријават неправилности. Реакција по службена должност – најсилниот механизам за превенција – никогаш не профункционирал,“ рече тој.
Главен обвинет – Дејан Јованов
За обвинетиот Дејан Јованов, сопственик на „Пулс“, обвинителот рече дека со години ги избегнувал сите законски бариери, вработувал блиски лица за да го прикриваат незаконското работење и функционирал без никакви безбедносни стандарди.
„Димензијата на пропустите кај овој човек е шокантна. Ќе слушнете докази за тоа на што сè бил спремен само заради профит,“ рече Јанев.
„Не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал кофа вода и не ја истурил“
Со оваа народна изрека, обвинителот го сумираше ставот на обвинителството: дека трагедијата била последица на заеднички институционален пад, а не само на пиротехничкиот ефект што го активирал пожарот.
Судењето продолжува
Обвинителството најави дека низ изведените докази ќе покаже како цели 13 години ниту една инспекција не спровела соодветна контрола на клубот, иако истиот бил законски недозволен, небезбеден и пренатрупан.
„Ако ја премолчиме вистината, никогаш нема да имаме сила да тргнеме на пат кон заздравување,“ заврши Јанев.
Судењето денеска заврши, а продолжува во вторник и среда, кога ќе бидат изведени дополнителни докази и сведочења за кобната вечер во клубот „Пулс“.