Македонија

Обвинителство бара укинување на куќниот и определување ефективен притвор и за поранешниот организациски директор на „Онкологија“ Нухи

Обвинителство бара укинување на куќниот и определување ефективен притвор и за поранешниот организациски директор на „Онкологија“ Нухи

Во Апелациониот суд во Скопје денеска се одржаа јавни седници по жалбите на мерката куќен притвор за поранешните директори на Клиниката за онкологија – Нехат Нухи и Нино Васев, кои се обвинети во случајот „Онкологија“. Обвинителството побара укинување на куќниот притвор и определување ефективен, поради опасност од бегство, додека обвинетите побараа да се бранат од слобода.

Судијката Весна Димишкова појасни дека Основниот кривичен суд првично проценил дека присуството на Нухи може да се обезбеди со куќен притвор. Но, обвинителката Фатиме Фетаи истакна дека со оглед на сериозноста на делата и висината на штетата – над 2,2 милијарди денари, постои реална опасност од бегство, дури и на територијата на државата.

Нехат Нухи во своето излагање пред судот нагласи дека е невин, дека се грижи за својата мајка и тројца малолетни деца, и дека активно работи како адвокат. „Никогаш не би избегал. Ќе се борам за правдата и за моја ослободителна пресуда“, рече тој.

Адвокатката на Нухи, Анита Бегова, посочи дека притворот би ја отежнал подготовката на неговата одбрана и дека нема реален ризик од повторување на делото, со оглед на тоа што Нухи веќе не е на директорска функција.

Обвинетиот Нино Васев исто така побара да се брани од слобода. Обвинителството за двајцата поранешни директори поднесе обвинение за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „измама во службата“ и „проневера“, во соизвршителство со четворица доктори-онколози, за дејствија извршувани во периодот од 2018 до 2022 година.

Според обвинението, преку незаконити набавки и манипулации со исплатите од Фондот за здравствено осигурување, се прибавила имотна корист од над 430 милиони денари, а вкупната штета на буџетот надминува 2,2 милијарди денари.

Одлуката на Апелациониот суд по жалбите се очекува во наредните денови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни