Децата без родители и децата со попреченост се злоупотребуваат од семејствата во кои се згрижени, обвинува Граѓанската иницијатива „5 до 12“. Од здружението велат дека добиле извештаи од социјалните работници дека децата не живеат во соодветни услови во домовите каде се сместени. Бараат да се формира независна експертска комисија која ќе ја преиспита психофизичката состојба на децата без родители и да ги прашаат самите деца за условите во кои живеат.
Но, од Министерството за труд и социјална политика, ги отфрлаат тврдењата дека на Граѓанската иницијатива „5 до 12“. Од таму велат дека има стандарди и систем за избор на згрижувачки семејства, како и обуки за згрижувачите.
-Министерството за труд и социјална политика нajостро ги демантира невистините што ги шири здружението „5 ДО 12“. Најодговорно тврдиме дека нема информации за злоупотреба на деца во мали групни домови и згрижувачи семејства. Исто така МТСП до овој момент, нема добиено никаква писмена забелешка од страна на граѓанското здружение “5 ДО 12” поврзани со наводна злоупотреба и негрижа за децата. Апсолутна лага е и дека и тврдењето дека не постои стандарди и систем за избор на згрижувачки семејства како и обуки за згрижувачите – велат од министерството за труд и социјална политика.
Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 подразбира да се затворат сите центри за деца без родители и центри за деца со попреченост, а децата да се згрижат во семејства или посебни групни домови. Од Иницијативата „5 до 12“ предлагаат воведување на стандарди за згрижување, домување, рехабилитација и интеграција согласно „Конвенцијата за правата на детето“, „Конвенцијата за правата на лицата со попреченост“, и останати документи кои Р. Македонија ги има потпишано и ратификувано.
РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ