Наука и технологија

Од 2024 година стапува на сила големата промена поврзана со полначите

Од 2024 година стапува на сила големата промена поврзана со полначите

Од 2024 година сите мобилни телефони, таблети и камери ќе мора да имаат ист полнач. Слотот познат и како USB-C станува стандард во ЕУ и секој ќе мора да се прилагоди на него.

На оваа голема промена, која наскоро ќе стапи во сила, со објава на Фејсбук потсети и Европската комисија.

„Чекањето заврши. Од 2024 година, USB-C ќе биде единствен стандард за сите електронски уреди во ЕУ. Од 2024 година веќе нема да слушаме: „Извинете, го немам тој кабел“, соопштија од Европската комисија, додавајќи дека ефектите се веќе видливи.

Тие понатаму објаснуваат дека тоа значи дека сите телефони, таблети и камери ќе го делат истиот полнач, што ќе резултира со хармонизирана технологија за брзо полнење и намалување на е-отпадот.

Благодарение на новите правила, на потрошувачите повеќе нема да им треба нов полнач за секој нов уред, бидејќи ќе можат да користат еден универзален полнач за цела палета на мали и средни електронски уреди.

Но, треба да се нагласи дека оваа промена не стапува на сила веднаш од 1 јануари во новата година, туку ќе има одреден период на прилагодување. Универзалниот полнач треба да почне задолжително да се користи на крајот на 2024 година за сите мобилни телефони и таблети и други електронски уреди опфатени со ревизијата, а од 2026 година ќе се користи уникатен полнач и за лаптопи.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни