Возачите од денеска мора да бидат подготвени за зимските услови на патиштата, бидејќи стапува на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во моторните возила. Контролите ќе ги врши сообраќајната полиција, а за оние кои нема да ја почитуваат обврската се предвидени парични казни.
Според законските прописи, од 15 ноември до 15 март следната година сите моторни возила, без оглед на временските услови, треба да поседуваат соодветна зимска опрема.
За возилата со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, зимската опрема подразбира зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри. Како алтернатива, дозволени се и летни пневматици со иста минимална длабочина на шарата, но во возилото мора да има синџири за снег за погонските тркала.
За возилата со поголема маса важат посебни правила за задолжителната зимска опрема.
Од денеска полицијата ќе врши контроли на патиштата, а возачите кои нема да ги исполнуваат законските услови може да бидат санкционирани.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот навреме да ги подготват возилата за зимскиот период, да ја проверат исправноста на пневматиците и да ја прилагодат брзината на условите на патот.
Задолжителната зимска опрема не е само законска обврска, туку и важна мерка за поголема безбедност во сообраќајот, особено при ниски температури, врнежи од снег и голомразица.