Од 13-ти февруари престануваат да важат патните исправи со старото уставно име. Граѓаните со стари пасоши воопшто да не се обидуваат да излезат од Македонија – апелираат од МВР. Личните карти ќе можат да се користат непречено на територијата на нашата држава. Возачките дозволи кои што се со старото име повеќе нема да важат, ни за внатрешна, ни за надворешна употреба, изјави министерот Панче Тошковски во интервју за Канал 5 телевизија.
Проблемот може да се реши ако има политичка волја вели Тошковски. Потребна е измени на два закона, за лични документи и за безбедност во сообраќајот.
Според МВР оние со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Потенцираат дека македонските граѓани на граничен премин за влез во државава, ќе бидат примени без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓаат. Потсетуваат и дека налепниците НМК за табличките, се комплетно бесплатни, а секоја евентуална злоупотреба ќе биде санкционирана.