Македонија

Од понеделник нова директна линија за повредените од Кочани – барања, потреби и предлози на 070 355 526!

Од понеделник нова директна линија за повредените од Кочани – барања, потреби и предлози на 070 355 526!

Од понеделник, 9 јуни, повредените во трагедијата во Кочани и нивните семејства ќе имаат на располагање нова директна телефонска линија 070 355 526, преку која ќе можат да ги изнесат своите барања, потреби и предлози. Линијата ја отвора Владата, а ќе биде управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата.

„Ја воспоставуваме оваа линија како жив канал на комуникација, кој ќе биде достапен непрекинато и ќе овозможи персонализиран пристап до секој случај,“ изјави владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција.

Според неа, ова не е само обичен контакт број, туку алатка за секојдневна, неделна и месечна координација со семејствата на повредените. Во првата фаза, сите засегнати се повикуваат да се јават и да ги споделат своите потреби, за потоа истите да бидат проследени до надлежните институции.

Митева нагласи дека отворањето на линијата е резултат на директна работа на терен од страна на работната група за евалуација на повредените, која била во постојан контакт со семејствата и медицинските тимови.

„Свесни сме дека досега беа направени повеќе напори – обезбедена е итна медицинска помош, финансиска и логистичка поддршка, но исто така знаеме дека потребите се менуваат. Затоа поддршката мора да продолжи, да биде континуирана и структурирана,“ рече таа.

Меѓу можните идни чекори што се разгледуваат е и отворање на канцеларија на терен или подобрување на условите во болницата во Кочани, со цел повредените да не мора да патуваат до Скопје за секоја интервенција.

„Ова е тема на која Владата активно работи и многу скоро ќе излеземе со конкретен план како да ги унапредиме услугите и условите за повредените,“ заврши Митева.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни