Синиша Станковиќ, адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани Николчо Илијев (мандат 2017-2021), тврди дека против неговиот клиент нема ниту еден доказ. Одбраната се повика на фактот дека во голем дел од неговиот мандат, угостителските објекти беа затворени.
„Поради ковид кризата, во мандатот на градоначалникот дискотеката не работеше, тоа е речиси половина од неговиот мандат,“ истакна Станковиќ, додавајќи дека постапката против него се води дури три години и четири месеци по завршувањето на функцијата.
Одбраната тврди дека Илијев бил целосно неинформиран за случувањата во „Пулс“. „Тој никогаш не дошол во контакт со било каков документ за правното лице, ниту бил информиран за активностите. Немал никаков контакт со сопственикот, ниту пак некој државен орган го известил за неправилности,“ рече бранителот.
Според него, во периодот од 2017 до 2021 година, до Општината не стигнало ниту едно писмено или усно барање поврзано со спорниот објект.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ НИКОЛЧО ИЛИЈЕВ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Николчо Илијев (67), градоначалник во периодот од 25.10.2017 до 08.11.2021 година, се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Иако одбраната тврди дека „не знаел“, Обвинителството го товари за следново:
- Игнорирање на ДУП-от: Знаел дека објектот е во индустриска зона, а не угостителска, но не презел дејствија за санкционирање.
- Неспроведување инспекции: Не им наредил на инспекторите да спроведат надзор, ниту изготвил планови за инспекција засновани на ризик .
- Финансиска корист за општината: Овозможил наплаќање на такси за вршење дејност „кабаре“ (4.000 евра), иако објектот немал услови за тоа, прифаќајќи ги приходите во буџетот.
- Неизвестување: Не ги алармирал другите надлежни институции (ДЗС, МВР) за опасноста.