Со почетокот на летната сезона, повторно се актуелизираат правилата за преминување на грчката граница, особено кога станува збор за внесување храна, цигари и алкохол. Иако секоја година на социјалните мрежи кружат различни информации за тоа што е дозволено да се понесе, официјалните прописи на Европската Унија се многу построги и нивното непочитување може да резултира со одземање на производите и високи парични казни.
Правилата се однесуваат на патниците кои во Грција влегуваат од земји што не се членки на Европската Унија, меѓу кои се и Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Според важечките европски прописи, строго е забрането внесување свежо месо и месни преработки, како што се сувомесни производи, колбаси и пршута. Забрането е и внесување млеко и млечни производи, вклучувајќи сирење, јогурт, кајмак, како и готови јадења што содржат месо или млеко. Доколку вакви производи бидат пронајдени при контрола, царинските службеници имаат право веднаш да ги одземат и уништат, а против патникот може да биде поведена прекршочна или кривична постапка.
Од друга страна, дозволено е внесување само на некварлива храна која не бара чување во фрижидер и се наоѓа во оригинално, неотворено фабричко пакување. Патниците можат да понесат до два килограма млеко во прав или медицинска храна за бебиња, како и специјална храна за домашни миленици доколку е неопходна од здравствени причини.
За останатите фабрички спакувани производи што не содржат месо или млеко, како мед, тестенини, ориз и слични производи, дозволената количина е до 10 килограми по лице. Поголеми количини можат да предизвикаат дополнителни проверки од страна на царинските служби.
Посебно внимание треба да се обрне и на цигарите. Иако често се споменува дека се дозволени 800 цигари, ова правило важи само за патници кои се движат меѓу земјите-членки на Европската Унија.
За државјаните на Македонија и другите земји кои не се членки на ЕУ, а во Грција влегуваат по копнен пат, дозволено е да внесат најмногу 40 цигари, односно две кутии по полнолетен патник. Наместо тоа, може да се внесат 20 цигарилоси, 10 пури или до 50 грама тутун. На малолетни лица не им е дозволено да пренесуваат тутунски производи или алкохол.
Во однос на алкохолните пијалаци, дозволено е внесување до четири литри вино и 16 литри пиво, како и еден литар жесток алкохолен пијалак со повеќе од 22 проценти алкохол или два литра пенливо или засилено вино.
Сите овие ограничувања се однесуваат на секој патник поединечно, а не на едно возило. Без пријавување може да се внесе стока во вредност до 300 евра по лице, додека за лица помлади од 15 години лимитот изнесува 150 евра.
Патниците кои носат готовина поголема од 10.000 евра имаат законска обврска да ја пријават при преминување на границата.
Искуството од претходните години покажува дека контролите на граничниот премин Евзони се најинтензивни на почетокот на туристичката сезона, но селективни проверки се вршат во текот на целото лето. Иако грчките цариници понекогаш покажуваат толеранција за мали прекршувања, како сендвич за пат или неколку цигари повеќе, тоа не е правило и никој не може однапред да знае дали неговото возило ќе биде избрано за детална контрола.
Воедно, многумина посочуваат дека носењето големи количини храна и не е исплатливо, бидејќи цените во грчките супермаркети и на локалните пазари се слични на оние во Македонија, а одредени производи, како флаширана вода и локални сокови, често се и поевтини.
Најсигурен начин да избегнете непријатности, одземање на производите или парични казни е пред патувањето да се информирате за важечките царински правила и стриктно да ги почитувате.