Поради отсуство на докторката Мери Пешева, денеска не се одржа првото рочиште за предметот „злоупотреби на Онкологија“, кој предизвика големо внимание во јавноста. На обвинителната клупа седна доктор Нино Васев, поранешен медицински директор на Клиниката за онкологија, кој е првообвинет во случајот.
Обвинителството го товари за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни. Според обвинителниот акт, со спроведени медицински вештачења било утврдено дека Васев кај 29 пациенти применил неподобен начин на лекување, спротивен на тековните онколошки упатства. Тој, наводно, вршел отстапувања во дозирањето и фазата на третманот, користејќи лекови од нови генерации на таргет и имунотерапија, со што сериозно го загрозил здравјето на пациентите.
Во дел од случаите, според обвинението, доктор Васев користел факсимил, корисничко име и лозинка од докторката Пешева, со што издавал и препишувал терапии преку електронскиот ХИС-систем на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Таа е втораобвинета во предметот и се товари дека му овозможила пристап за одобрување на спорната терапија.
Дополнително, уште двајца лекари се обвинети за продолжено кривично дело – несовесно лекување болни. Според наодите, тие препишувале терапии со имунотерапија и таргет-терапија на пациенти со многу лош здравствен статус, и покрај тоа што било очигледно дека лекувањето нема да даде резултати. Тие, исто така, не ја наведувале телесната тежина и висина на пациентите, а вршеле и отстапувања во дозирањето, што довело до дополнително влошување на состојбата на болните.
Следното рочиште треба да биде закажано дополнително, откако ќе се обезбедат услови за присуство на сите обвинети. Случајот го следи јавноста со големо внимание поради тежината на обвинувањата и довербата во здравствениот систем.