Судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2“ е одложено затоа што обвинетиот Бедредин Ибраими не дојде на денешното рочиште бидејќи сметал дека следната закажана расправа е на 8 февруари.
Ибраими бил уредно поканет, како и сите останати во случајот, и нема дилема денешното рочиште да се одложи, но има дилема дали тој да биде спроведен со полиција или не, посочи на денешното судење судијата Огнен Ставрев.
Судот го одложи денешното рочиште за 8 февруари, но информира, дека на следното рочиште на почетокот само ќе биде изведено економското вештачење и потоа ќе се продолжи по планираното, односно со завршни зборови на СЈО.
Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.