Македонија

Одморалиштето на Пониква утре ќе прими пациенти од трагедијата во Кочани

Одморалиштето на Пониква утре ќе прими пациенти од трагедијата во Кочани

Одморалиштето на Пониква од утре ќе ги прими пациентите од трагедијата во Кочани, а условите во кочанската болница значително се подобруваат.

В.д. директорката на Општата болница – Кочани, д-р Катерина Паниќ – Мирчовска, објасни дека во соработка со Владата веќе пристигнала првата пратка на потребни креми за лекување изгореници и лепенки, кои се дистрибуираат и во одморалиштето на Пониква.

Покрај тоа, потпишани се договори со ГОБ „8 Септември“ за пулмолошки прегледи на пациентите, а се прават списоци на лица кои треба да бидат прегледани.

Паниќ – Мирчовска нагласи дека 58 повредени веќе добиле компресивна облека која им помага во рехабилитацијата и го подобрува заздравувањето на лузните, а нови 14 лица се во процес на мерење за носење на облеката.

Представници од Германија и Бугарија наскоро ќе го следат ефектот од терапијата и ќе започнат со изработка на втор пар компресивна облека за пациентите.

Облеката им овозможува на пациентите полесно да ги извршуваат вежбите на физикална медицина и обезбедува заштита од сончева светлина.

Во Пониква е планирана и средба на пациентите кои се во училишна возраст со нивните наставници, педагози и психолози.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, информираше дека во Кочанската болница во тек е реконструкција на просторот за физикална медицина со површина од 350 метри квадратни, со планиран рок на завршување од три до четири недели.

Работите вклучуваат поставување нови прозорци, целосно нова електрична инсталација, водоводна и канализациона мрежа, хидроизолација, порамнување на подот, нови врати и нов противпожарен систем, кој е неопходен за безбедноста на пациентите и персоналот.

Митева истакна дека овие активности не се само реконструкција, туку јасен сигнал за системска грижа за Кочани.

Таа се осврна и на подобрувањата во одморалиштето Пониква, каде Министерството за спорт ги опреми двете игралишта, поставени се комарници, како и комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во соработка со Центарот за јавно здравје.

Портпаролката потенцираше дека денес Владата има системски пристап и вложува во инфраструктурата, безбедноста и достапноста на здравствениот систем.

Таа нагласи дека Кочани е приоритет и ќе остане таков, бидејќи граѓаните имаат право на современи услови, а институциите обврска да ги обезбедат.

На крајот, Митева одговори и на прашања поврзани со ветувањето на премиерот за укинување на придонесите за новинарите и за промените во историските комисии, нагласувајќи дека деталите за историските комисии се во надлежност на Министерството за надворешни работи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни