На 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што се одржува во Париз, е усвоен амандман со кој се одложува впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светски наследства во опасност. Одлуката е условена со исполнување на низа обврски, за кои државата ќе треба да достави детален извештај најдоцна до 1 февруари 2026 година.
Според СДК.мк, македонската делегација во Париз, по налог на Владата, заеднички поднела амандман со кој се бара повлекување на нацрт-одлуката што предвидуваше впишување на регионот во листата на загрозени светски богатства.
Ова беше третпат како Комитетот на УНЕСКО го разгледува прашањето за статусот на Охридскиот Регион – единственото природно и културно светско наследство во Македонија.
Неколку дена пред седницата, 40 локални и меѓународни еколошки и граѓански организации испратија заеднички апел до УНЕСКО, со барање регионот итно да биде впишан во Листата на наследства во опасност, со цел да се обезбеди поефективна заштита од, како што наведоа, „континуирано уништување“.
Во првичниот нацрт-документ, Комитетот јасно укажуваше на потребата од итна заштита на Студенчишко Блато, стопирање на сите градежни активности во неговата околина, особено кај хотелскиот комплекс „Горица“, како и усогласување на предлог-законот за прогласување на блатото за Парк на природата со меѓународните стандарди.
Охридскиот Регион е ставен под заштита на УНЕСКО уште во 1979 година. Во 2019, со проширување на заштитеното подрачје на албанскиот дел од езерото, регионот доби статус на прво меѓудржавно природно и културно светско наследство на Балканот.
Сега, вниманието е свртено кон македонските институции – дали ќе ги исполнат барањата на УНЕСКО или Охрид ќе го загуби светскиот статус кој го ужива речиси пет децении.