Генералното собрание на ОН денеска со големо мнозинство ја поддржа необврзувачката резолуција за Палестина, во која се бара Израел да го прекине своето „незаконско присуство“ во Газа и окупираниот Западен Брег во рок од една година.
За резолуцијата гласаа 124 од 193 членки на светската организација, 14 беа против, а 43 се воздржаа.
Во резолуцијата се бара и повлекување на сите израелски сили, како и евакуација на еврејските доселеници од окупираните палестински територии „без одлагање“.
Амбасадорот на Израел во ОН, Дани Данон, ја оцени резолуцијата како „обид за уништување на Израел преку дипломатски тероризам“, истакнувајќи дека во неа никогаш не се спомнуваат злосторствата на Хамас и дека „ја игнорира вистината, искривува фактите и ја заменува реалноста со фикција“.
Северна Македонија се воздржа од гласање, заедно со Велика Британија, Германија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Данска, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Словачка, Литванија, Украина, Србија, Албанија, Канада, Индија, Австралија и други земји.
Против гласаа САД, Израел, Чешка, Унгарија, Аргентина и други земји.