Генералното собрание на Обединетите нации повторно изгласа резолуција со која се бара укинување на повеќедецениското американско ембарго кон Куба. Документот, кој има препорачувачки карактер, беше поддржан од 165 земји, додека седум гласаа против, меѓу нив и Македонија, а 12 држави беа воздржани.
Против резолуцијата гласаа САД, Израел, Украина, Унгарија, Македонија, Аргентина и Парагвај, додека воздржани беа Албанија, Босна и Херцеговина, Коста Рика, Чешка, Еквадор, Естонија, Латвија, Литванија, Мароко, Полска и Романија.
Резолуцијата со ознака A/80/L.6 повикува на „итно запирање на економската, трговската и финансиската блокада“ воведена од САД во 1962 година. Иако документот се усвојува секоја година со широка поддршка, тој нема обврзувачка сила, бидејќи укинувањето на санкциите може да го одобри единствено Конгресот на САД, согласно федералните закони — Cuban Democracy Act и Helms–Burton Act.
Голем дел од земјите-членки на ОН оценуваат дека санкциите претставуваат реликт од Студената војна и најмногу му штетат на кубанското население, а не на тамошните власти. Куба го поздрави исходот од гласањето, оценувајќи дека тоа е „силна и јасна порака“ до Вашингтон дека меѓународната заедница бара укинување на блокадата и поддршка за правото на Кубанците на економски и социјален развој.љ