Орбан падна поради предозирање со пропаганда, вели Марковиќ

Падот на Виктор Орбан во Унгарија е резултат на „ПР катастрофа“ и претерано потпирање на агресивна пропаганда која на крајот му се врати како бумеранг, оцени политикологот Ненад Марковиќ во гостувањето на „Ноќно Студио“ на 4ТВ.мк. Според него, нападите врз опозицијата и исценираните скандали не само што не помогнаа, туку дополнително го забрзаа неговиот пораз.

„Унгарскиот Коштуница“ и новата политичка парадигма

Марковиќ повлекува интересна паралела помеѓу новиот унгарски лидер Петар Маѓар и Воислав Коштуница, нагласувајќи дека Маѓар успеал да им понуди на гласачите нешто блиско до нивната политичка парадигма, но со доволно јасна разлика. Иако доаѓа од десницата и задржува одредени антимигрантски ставови, Маѓар го прекина „субмисивниот однос кон Москва“ и цинизмот кон Брисел, што го прави прифатлив за поширок спектар на гласачи.

Студен туш за регионалните лидери

Промената во Будимпешта се очекува сериозно да се почувствува во Белград, а во одредена мера и во Скопје. Марковиќ истакна дека Маѓар веќе влезе во отворен конфликт со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во изборниот процес отворено застана на страната на Орбан.

„Не гледам зошто Маѓар би го ‘тинтрал’ Вучиќ, кога тој активно работеше против него. Кога ќе ја преземе функцијата, ќе дојде до одредена модерација поради дипломатските протоколи, но релациите веќе нема да бидат исти“, вели Марковиќ.

Наследството од времето на Груевски

Што се однесува до Македонија, аналитичарот смета дека евидентно се руши логистиката која беше воспоставена уште во времето на Никола Груевски. Марковиќ потсети дека идеолошката блискост и поддршката не се од вчера, туку имаат длабоки корени кои кулминираа со бегството и азилот на поранешниот премиер во Будимпешта.

Иако не очекува владата на Мицкоски да биде прв приоритет за истраги на новата унгарска власт, Марковиќ не ја исклучува можноста од протекување на непријатни информации.

„Не сум сигурен дека тоа ќе биде приоритет на Маѓар, но не значи дека нема да излезат информации кои на долг рок можат да предизвикаат потреси, можеби повеќе во Србија отколку кај нас“, заклучува тој.