Осомничениот кој уби десет луѓе на прослава на лунарната Нова година во саботата вечерта во паркот Монтереј, Калифорнија, се самоуби. Ова се случило додека полицијата се приближувала кон комбето во кое тој се обидувал да избега, соопштија властите, цитирани од Асошиејтед прес.
Шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, го идентификуваше осомничениот како 72-годишниот Ху Цанг Тран.
Паркот Монтереј, кој се наоѓа на околу 10 милји источно од центарот на Лос Анџелес, има население од 60.000, од кои повеќето се со азиско потекло. Таму во саботата започна дводневен фестивал, еден од најголемите лунарна новогодишни настани во Јужна Калифорнија.
Според информациите, напаѓачот отворил оган врз насобраните да го прослават празникот во сала за бал. Во престрелката загинаа десет лица, а уште десет се повредени. Меѓу жртвите има пет мажи и пет жени.
Властите соопштија дека истиот сторител можеби се обидел да нападне центар за втора забава, овој пат во градот Алхамбра, но не успеал бидејќи присутните можеле да му го одземат оружјето. Комбето со осомничениот е пронајдено во Торанс, друг град со значително азиско население, на околу 22 милји од второто место на злосторството.
Засега властите не го соопштуваат можниот мотив за нападот.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите мисли се со жртвите и повредените и дека им наложил на федералните власти да ја поддржат истрагата.
Ова е петто масовно убиство во САД овој месец и најсмртоносно од 24 мај, кога 21 лице беа убиени во напад во основно училиште во Јувалди, Тексас.