Македонија

Осуди за снимката на Трипуновски, тој тврди: Не е прекршен законот и не вршел мобинг

Не стивнуваат реакциите откако дополнителниот заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски со камера упадна во просториите на подрачната единица на министерството во Берово и ги снимал вработените. Од Министерството за земјоделство се оградуваат и ги осудуваат постапките на дополнителниот заменик. Оттаму преку писмено соопштение велат дека со упадот и снимањето на вработените се нарушува нивната приватност и лични податоци.

„Овие постапки не се пракса на функционирањето на Министерството за земјоделство, туку се личен акт на Трипуновски со кој не се согласуваме и остро ги осудуваме. Апелираме дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски да се воздржи од вакви дејства со кои се врши директно нарушување на имиџот на Министерството за земјоделство.“, велат од Министерството за земјоделство.

Со реакција се јавија и од Министерството за администрација и информатичко општество. Министерот Дамјан Манчевски вели дека дополнителните министри и заменици министри од опозицијата во изминатите две недели во континуитет се обидуваат нивниот начин на заплашување.

„Упад во подрачната единица на Министерството за земјоделство од страна на дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски го осудуваме и повикуваме притисокот врз јавната администрација да остане во минатото. Во таа насока повторно ќе биде објавена алатката за пријавување на притисок на работното место“, велат од Министерството за администрација.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека дополнителниот заменик министер само ја контролирал работата на вработените.

„Она што можат и што не можат да прават е пропишано со закон. Доколку било кој во оваа постапува согласно закон и согласно своите надлежности во овој случај од функцијата заменик министер да ја контролира во конкретниот случај вчера неработењето на тие вработени таму и дали е тоа излегување надвор од неговите обврски треба некој друг да каже а не ние политичарите. Доколку некој се почувствувал загрозен, доколку на било кој начин му било наштетени има надлежни институции кои што треба да ја работат својата работа“, рече Игор Јанушев.

Видеото именувано како Вонредна посета и контрола на подрачната единица во Берово беше објавено на фејсбук страната на заменикот Трипуновски. Во него се гледа како ненајавено влегува во канцеларии, а началникот на подрачната единица реагираше прашувајќи го зошто снима.

ТВ 21 уште вчера ја контактираше Дирекцијата за заштита на лични податоци од каде рекоа дека заменик министерот Трипуновски не смеел да ги покажува лицата кои што ги снимал и дека тоа може да се окарактеризира и како мобинг. Во реакцијата на Трипуновски што ја објави на својот фејсбук вели дека не е прекршен законот за заштита на лични податоци и не е бил вршен мобинг, туку дека објавувањето на снимката го смета за јавен интерес. Реакција стигна и од СДСМ од каде велат дека Трипуновски покажува класично режимско однесување, како кадар на Груевски и како лице против кое се води кривична пријава за злоупотреба на службена должност.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни