Со палење свеќи и осумминутен молк, граѓаните во повеќе хрватски градови денеска му оддадоа почит на Кристијан Јосип Периш, чија смрт во психијатриската клиника „Свети Иван“ отвори бројни прашања за третманот на пациентите и грижата за лицата со ментални тешкотии.
Собири се одржаа во Загреб, Сплит, Дубровник и Осиек, а осумте минути молк го симболизираа времетраењето на агонијата низ која, според организаторите, поминал починатиот млад човек.
Граѓаните испратија пораки за солидарност со семејството на Периш, но и побараа конкретни промени во здравствениот систем.
„Денес е тој, утре сме ние. Мора да бидеме едни за други и да имаме барем малку сочувство. Страшно е и незамисливо да го испратиш своето дете во болница, а да ти го вратат мртво. За тоа едноставно нема зборови“, изјави една од присутните на собирот во Сплит.
Дел од граѓаните ги споделија и своите лични искуства од психијатриските установи, посочувајќи на случаи на присилна хоспитализација, физичко врзување и несоодветен третман.
Сања Зекиќ, мајка на 33-годишен син со интелектуална попреченост, повика на системски промени и поголема заштита на најранливите категории граѓани.
„Овде молчевме осум минути, а всушност требаше сите да врескаме. Треба да го кренеме гласот за Кристијан и за сите оние кои денес минуваат низ истите маки“, порача Зекиќ.
Смртта на Периш предизвика вознемиреност во хрватската јавност и поттикна барања за поголема одговорност, хуман третман и заштита на правата на пациентите во психијатриските установи.