Осветен Македонскиот Крст во Драчево, вториот по големина во Македонија

Денес, на големиот празник Цветници, во пресрет на Велигден, беше осветен македонскиот Крст во Драчево, висок 63,5 метри, втор по големина во Македонија. Во присуство на г.г. Стефан кој ја водеше церемонијата на осветувањето, градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, како инвеститор на објектот, и други видни гости од општествениот, политичкиот и црковниот живот во Македонија, како и огромен број на граѓани, жители на Драчево, се одржа манифестација која за сите присутни ќе остане во трајно сеќавање.

– Од денес погледот кон небото нема да е ист. Од денес- над нас, тука во Драчево стои еден моќен симбол на верата, надежта и љубовта. Крстот е икона на верата, симбол на возвишеноста на човекот пред бескрајната моќ на небото. Во неговите контури е собрано целото значење на христијанството, каде се преплетуваат симболиката на жртвата, спасението и вечната љубов кон Бога! Осветувањето на овој Македонски Крст е чин на почитта кон минатото, вера во иднината и мост кој не спојува сите нас. Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие. Силно верувам дека Бог нè осветлува и нè води, потсетувајќи нè дека секој наш чекор, секој наш обид да градиме нешто во Негово име, е благословен и благодетен. И затоа ова е богатството и заветот што го оставаме за следните генерации-истакна во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски. Додаде дека очекува овој Крст да биде светилиште за сите, мирно место за размислување и молитва, новото збиралиште и центар на Кисела Вода, а можеби и на цело Скопје, од каде ќе одекнува заедништвото, сплотеноста, и љубовта. Тој им се заблагодари на Светскиот Македонски Конгрес, на МПЦ И Г.Г. Стефан, и на секој поединец, на секоја компанија, на сите кои дадоа свој придонес за изградбата на Македонскиот крст.

– Посебно ми е драго што неговото осветување се случува денес, кога го славиме празникот Цветници, во предвечерјето на најголемиот ден за христијаните-Велигден. Празникот кој ја слави победата на животот над смртта и кој на највисок пиедестал ја издигнува верата. Денешниот ден е силен одек за времињата што доаѓаат, за промените што веќе започнаа да се случувaат, за новите историски моменти кои допрва ќе ги испишуваме во историјата на нашата Македонија. Со Божји благослов продолжуваме напред со проекти, со дела кои ќе бидат нашиот потпис и влог во иднината што ја оставаме на следните поколенија-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Изградбата на Македонскиот крст во центарот на Драчево, во “Паркот на бранителите”, започна на 16 април 2022 година. Неговото осветување денес е најголемата молитва пред Господа за победата на животот над смртта, за спасение на човештвото, на Македонците по род и државјанство, и на државата Македонија, истакна Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.

-Македонскиот Крст во Драчево е дванаесетти во светот, а втор во Македонија. Висок е 63,5 метри, широк 4 метри, со распон на краците 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е 12,5 метри, на три нивоа, темелната плоча е со дебелина од 1 метар. Во Македонскиот Крст во Драчево е вградена челична конструкција од 80 тона, премачкана со алкална жолта боја. На крстот е изведена светлечка инсталација со енергетска самоодржливост, што ќе претставува вистинска атракција во овој дел од градот Скопје и општината Кисела Вода. Вечерва ќе не огрее неговата светлина. Крстот претставува симбол на мирот и љубовта наспроти омразата и војната и затоа, радоста е заемна и благодатна за сите граѓани на државата Македонија, за сите Македонци по род и државјанство. За многаја лета Крстот, кој денес се освети, за многаја лета Драчево и општината Кисела Вода, за многаја лета Скопје метрополата и државата Македонија! Нека овој свет крст биде светилник на верата во Бога и на љубовта за татковината Македонија! Нека Господ Бог не’ благослови сите нас, нека Господ Бог ја благослови Македонија-истакна Тодор Петров, кој потоа, како инвеститор на објектот им додели плакети и благодарници на сите кои ја помогнаа изградбата на ова свeто здание.

Настанот беше дополнет со богата музичка програма од познати македонски музичари- Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски како и мешаниот камерен хор ,,Свети Климент Охридски” и дечињата од КУД “Китка”.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното