Полициски претреси се спроведуваат на повеќе локации во Штип и Скопје поради сомневања за незаконско менување оценки и други податоци во електронскиот систем на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Под истрага е Р.Т., раководител на информатичкиот сектор на Универзитетот, кој се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.
Според досегашните информации, осомничениот наводно подолг период вршел неовластени интервенции во електронската евиденција на студентите. Се истражуваат случаи на менување испитни бодови, бришење оценки и овозможување запишување семестри без исполнување на потребните академски услови.
Сомневањата се дека ваквите интервенции биле вршени за паричен надомест, а меѓу студентите чии податоци биле предмет на спорните измени наводно имало претежно државјани на Турција.
Од Универзитетот „Гоце Делчев“ соопштија дека целосно ќе соработуваат со Министерството за внатрешни работи и надлежното обвинителство за расветлување на случајот.
„УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè“, порачаа од Универзитетот.
Оттаму нагласуваат дека нема да дозволат сомневањата за незаконско постапување да го нарушат угледот на институцијата и вредноста на дипломите на илјадниците студенти кои чесно го завршиле своето образование.
Овој случај следува неколку месеци по друга истрага на истиот универзитет, кога професорка беше фатена со обележани пари во случај поврзан со положување испит на студент од Турција.
Надлежните институции продолжуваат со преземање истражни дејствија за утврдување на евентуалната кривична одговорност и обемот на незаконските интервенции во студентската евиденција.