Отштета од половина милијарда евра за Казандол?! Пресудата ќе почека да поминат изборите

Подолг период во јавноста циркулира информацијата дека Македонија изгубила уште еден арбитражен спор поради одлуката на Владата еднострано да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на бакар во Казандол, а со тоа наводно, станува збор за астрономска отштета од околу половина милијарда евра, која од државниот буџет ќе треба да се префрли на сметката на англиско-украинскиот конзорциум „Сардич МЦ“, пишува ПлусИнфо.мк.

Како што пишува порталот, сознанијата велат дека пресудата од меѓународната арбитража во Вашингтон е во полза на концесионерот, а државата го загубила спорот.

Според нив, властите тактизираат со тајмингот на објавата на пресудата, односно владината коалиција (СДСМ-ДУИ) наводно успеала да излобира истата да биде објавена во есен, а не сега во период на предизборие, кога може да стане тема во кампањата на која ќе губат политички поени.

Предметот дојде до меѓународната арбитража откако екс премиерот Зоран Заев на 27 март 2018 година ја потпиша одлуката за едностран раскин на договорот, велејќи дека има цврсти правни аргументи.

„Владата е посветена на здравјето на граѓаните, здравјето е поважно од било кој приватен интерес и ова е порака до граѓаните на општините Валандово, Богданци и Дојран“, изјави тогаш Заев, додавајќи дека компанијата била обврзана „во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар, а Владата нема да плаќа пенали, бидејќи во овој случај концесионерот не го испочитувал договорот“.

Од Сардич тогаш одговорија дека не се исполнети ниту законските, ниту договорните услови за еднострано раскинување од страна на Владата на Договорот за концесија за експлоатација за рудникот „Казандол“. Според конзорциумот, надлежните државни институции никогаш не утврдиле ниту една неправилност, а концесионерот воопшто не бил ниту опоменуван, ниту пак казнуван. Пред да ја покрене меѓународната арбитража компанијата побара да се пристапи и кон пријателско решавање на спорот, а реагираше и украинската амбасада во земјава. Оттаму истакнаа дека Македонија и Украина имаат потпишано спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестициите во двете држави и спорот треба да се реши со пријателски преговори.

Сепак, како што пишуваат од порталот, шест години подоцна скоро половина милијарди евра народни пари ќе треба да „легнат“ на контото на компанијата. Првичната инвестиција на англиско-украинската компанија Сардич беше проценета на 25 милиони евра и беа предвидени 250 вработувања.

Изминатиов период во правните лавиринти заглави и инвестицијата за рудник за бакар во Иловица, а инвеститорот „Еуромакс ресоурцес“ е сѐ погласен во најавите за покренување меѓународна арбитража, откако Владата лани реши да ја поништи Одлуката за спојување на концесиите, а Управниот суд не ја прифати нивната тужба.

„Загрижувачки е да се види таков модел на судски надзор, особено кога правата на меѓународните инвеститори се доведени во прашање. Постојаното непочитување на законите од страна на Владата и релевантните државни институции е алармантна, и во таков случај меѓународната арбитража се наѕира како неизбежна последица доколку овој тренд продолжи. Со значителното зголемување на цените на бакарот и златото во последните години, потенцијалните економски импликации од таквите активности не можат да се пренагласат“, информираше Тим Морган-Вин, извршниот претседавач на Бордот на директори на компанијата.

Неофицијално, евентуалната отштета кон „Еуромакс ресоурцес“ преку арбитража може да достигне и над една милијарда евра.

Во тој случај, заедно со веќе покренатите меѓународни арбитражи, странски инвеститори од државава би имале побарувања во вредност од над две милијарди евра.

Прочитајте повеќе: Плусинфо.мк

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното