Македонија

Отворена истрага против 27-годишен скопјанец: Набавувал и поседувал фотографии и видео записи од детска порнографија

Отворена истрага против 27-годишен скопјанец: Набавувал и поседувал фотографии и видео записи од детска порнографија

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило продолжено кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија согласно член 193-а став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

Осомничениот, сега на возраст од 27 години, одреден период набавувал и поседувал фотографии и видео записи детска порнографија кои ги зачувал на својот мобилен телефон и таблет. Материјалите во форма на фотографии и видеа на кои биле прикажани очигледни полови дејствија со деца ги прибавувал од други лица преку различни интернет апликации, веб страници и форуми.

Со цел негово обезбедување во текот на постапката, јавниот обвинител предложи да му бидат определени повеќе мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, одземање на патна исправа, повремено јавување во Судот, но и забрана да користи какви било интернет апликации на мобилни телефони и други уреди, како и забрана да одржува какви било контакти со лицата со кои преку интернет профили во странство разменувал детска порнографија.

Од МВР за настанот велат: На 21.08.2025 Секторот за компјутерски криминал при МВР до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Ф.М.(27) од Скопје, за сторено кривично дело „Производство и дистрибуција на детска порнографија“ предвидено и казниво по член 193-а став 3 од Кривичниот законик. По добиена информација од полицијата во Германија за спроведена истрага во врска со сексуална злоупотреба на деца и поседување и дистрибуција на материјал со сексуална злоупотреба на деца, како и дека станува збор за профил на апликацијата “Telegram”, со телефонски број и ИП адреса од Р.С.Македонија, од страна на Секторот за компјутерски криминал при МВР беа преземени мерки и активности за прибирање на докази при што по утврдување на корисникот, на 20.08.2025 година по добиена Наредба од Основниот кривичен суд Скопје за претрес на дом и помошни простории, Наредба за пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци и Наредба за привремено одземање на компјутерски податоци, од страна на полициски службеници од Секторот за компјутерски криминал беше извршен претрес во домот на Ф.М. (27) при што пронајдени и одземени се предмети за понатамошна постапка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни