Македонија

Пад на градежната активност: Во јули издадени 367 одобренија за градење

Пад на градежната активност: Во јули издадени 367 одобренија за градење

Градежната активност во јули бележи пад во однос на истиот месец лани. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на месецот биле издадени 367 одобренија за градење, што е за 8,5 проценти помалку на годишно ниво.

Од вкупниот број одобренија, 227 или 61,9 проценти се однесуваат на објекти од високоградба, 39 одобренија или 10,6 проценти се за нискоградба, додека 101 одобрение или 27,5 проценти се за реконструкција.

Со издадените одобренија е предвидена изградба на 1.248 станови со вкупна корисна површина од 100.440 квадратни метри.

Најголем број одобренија се издадени во Скопскиот Регион – 107, каде што е предвидена изградба на 752 стана.

Предвидената вредност на објектите опфатени со одобренијата изнесува 7.995.108.000 денари. Тоа претставува пад од 74,8 проценти во споредба со јули минатата година.

Од Државниот завод за статистика појаснуваат дека големиот пад на предвидената вредност се должи на тоа што во истиот период лани било издадено одобрение за изградба на ветерен парк за производство на електрична енергија од обновливи извори во општините Штип, Радовиш и Карбинци.

Кога станува збор за инвеститорите, кај 209 објекти или 56,9 проценти како инвеститори се јавуваат физички лица, додека кај 158 објекти или 43,1 процент инвеститори се деловни субјекти.

Податоците за издадените одобренија за градење се дел од месечната статистика за градежната активност во земјава.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни