Васко Стојков, адвокат, пријател на Љупчо Палевски – Палчо и член на Централниот одбор на партијата „Десна“, сведочеше за своите искуства со полицијата и комуникацијата со Палчо за време на истрагата. Стојков опиша како бил повикан на распит и деталите од разговорите со Палчо додека бил во полициската станица.
„Кога ме повикаа во полициска станица, ме прашаа која е регистарската табличка на мојот автомобил. Кога им ја кажав, веднаш ми рекоа да седнам и започна распитот,“ изјави Стојков. Според него, полицијата го испрашувала за последното патување надвор од земјата, при што тој признал дека го возел Палчо до Белград.
„Ми се јави Палчо и беше зачуден кога му кажав дека се врши претрес во политичката партија. Ми посочи кој адвокат да го барам бидејќи јас не сум кривичар,“ продолжи Стојков. Тој сведочеше дека за време на распитот повторно добил повик од Палчо, но овојпат бил насочен од инспекторите да му одговори и да го праша каде се наоѓа.
„Му реков: Василе, што е ова? Ти си веќе осуден во медиумите. Му кажав дека мора да се врати и да даде изјава. Тој ми одговори: знаев дека ќе ме наместат“, раскажа Стојков. Разговорот бил прекинат по налог на инспекторите, кои побарале да им каже од кој број бил контактиран.
Стојков истакна дека пораките и повиците од Палчо продолжиле, но полицијата не му дозволила да одговори. „Палчо повторно ѕвонеше на редовна линија, но јас не можев да се јавам. Не ми дозволуваа инспекторите,“ рече тој.