Директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов денеска проговори и за притворското одделение од затворот „Шутка“.
Како што вели, „таму куче да врзеш за краток период ќе попушти и со здравје и со мозок и со сè“.
„Има таму ќелии што се потчовечки, не достоинство, па тоа јас на филм го немам видено. Во одредени ќелии кај што влегов, сега се наежив, тоа е под секакво човечко достоинство и срамота е за нас како држава што сме го дозволиле особено ова. Седум години имаа тоа да го поправат, тоа е страшно, језиво, да ве внесат таму нормален здрав човек со три чисти во глава за краток период ќе попушти“, посочи Пандов.
Тој додава дека во затворот „Скопје“, има делови каде што нема ограда, или е ниска оградата на метар – метар и половина.
„Едноставно, во тој затвор само човек кој што не сака да излезе нема да излезе од него. Ако некој има намера да избега од таму може да избега“, рече тој.