Со прикажување видеоснимки од полициски претреси, лупење кујнски плочки и откривање тајни бункери со пари, обвинителката за гонење организиран криминал, Искра Хаџи Василева, ја почна доказната постапка против апелациониот судија Ѓоко Ристов. Тој се товари за кривичните дела прикривање и перење пари, откако во семејната куќа во Неготино беа пронајдени непријавени 350.000 евра.
Пред судијката Билјана Коцевска во Основниот Кривичен суд, Обвинителството почна да го одмотува клупкото на, како што тврди, разработена шема на прикривање имот, сомнителни врски со осуденици и милионски кеш сокриен во фолија „за заштита од глувци“.
На почетокот на рочиштето, обвинителката Хаџи Василева презентираше податоци од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за имотната состојба на судијата Ристов и неговата сопруга Симона Зориќ-Ристова, која е вработена во Државното правобранителство.
Според официјалните документи, судијата пријавил плата од 62.000 денари, а неговата сопруга приближно исто толку. Во неговите претходни анкетни листови од 2008 година, Ристов пријавил само имот на тогашната сопруга (акции и 800.000 денари), додека во 2021 година, кога станал апелационен судија, го пријавил станот во Аеродром, едно возило „пасат“, „опел астра“ на новата сопруга и два кредита од вкупно три милиони денари.
„Судијата Ѓоко Ристов сокрил во ѕид 350.000 евра, што е сума далеку над неговите примања од судиската плата“, истакна обвинителката Хаџи Василева.
Обвинителството тврди дека семејството на судијата влегло во сомнителни бизнис-релации со Љупчо Пецов, познат како „Ѓаволот“, на кого Ристов му судел уште како основен судија, а подоцна како апелационен судија одлучувал и за неговиот притвор и условни отпусти.
Според документите, сопругата на судијата, Симона Зориќ-Ристова, зела кредит од над 2,5 милиони денари за да купи стан во Охрид токму од фирмата на Пецов, „Алма комерц“. Подоцна, станот го презел нејзиниот татко, Ивица Зориќ, а како кокредитобаратели се јавуваат токму сопружниците Симона и Ѓоко. Како залог во целата операција се појавува самиот Пецов, кој потпишал полномошно со кое го овластува судијата Ристов да го застапува неговото друштво секаде каде што овој имот ќе биде гаранција.
Клучните докази беа обезбедени за време на претресите на 17 и 18 јануари годинава. Обвинителството во судницата пушти видеоснимка од полициската акција.
Првиот ден, истражителите во гаражата нашле отворена вреќа со глет-маса со нов датум. Таткото на судијата, Здравко Ристов, тврдел дека во куќата немале градежни активности, а за вреќата рекол дека „веројатно син му Ѓоко ја донел од Скопје“. Првиот ден истражителите копале во гаражата, но не нашле ништо.
Следниот ден, истрагата се префрлила во кујната на вториот кат, каде биле забележани „аномалии во градежните работи“ и свеж лепак на плочките. На снимката се гледа како истражителите ги кршат плочките и отвораат таен бункер во ѕидот. Во него се пронајдени 13 пакувања со вкупно 610 банкноти во апоени од 200 и 500 евра.
Парите биле спакувани во ролни и завиткани во алуминиумска фолија. Заедно со парите, пронајдени се и два листа од тефтер со натпис „Здружение на судии“, на кои со ракопис биле пресметувани математички операции – бројот на банкноти помножен со нивната вредност за секоја ролна посебно.
Прашање од истражителите до таткото на претресот: „Дали се ова опасни материи и кој ги ставил тука?“
Одговор на Здравко Ристов: „Не се опасни материи. Можеби ги ставил синот… Синот Ѓоко, судијата. Тој го користи овој простор.“
Како дополнителен доказ, Обвинителството презентираше снимки од безбедносните камери во Апелациониот суд каде се гледа како судијата Ристов срдечно го пречекува поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, кој во случајот се јавувал како адвокат на Љупчо Пецов-Ѓаволот. Прикажани беа и снимки од средби пред зградата на Ристов, каде Стафа му помага на судијата да носи кеси со новогодишни украси.
Целата истрага започнала откако сестрата на осудениот Пецов го пријавила Стафа за примање поткуп. Таа тврдела дека му дала пари на Стафа, кој пак ја уверувал дека парите се наменети за судијата Ристов за да донесе одлуки во корист на нејзиниот брат. Стафа ја призна вината, беше осуден, по што Обвинителството ги отвори досиејата и за апелациониот судија.
Обвинетиот судија Ѓоко Ристов ги отфрли обвинувањата и најави дека со документација ќе докаже оти парите не се негови. Тој пред судот истакна два главни приговори:
- Вториот кат од куќата во Неготино каде што е најден бункерот не го користел тој, туку неговиот брат.
- Доказите се „контаминирани“ бидејќи за време на пребројувањето, на еден од истражителите му се скинала гумената ракавица додека ги вадел парите од дупката.
Одбраната побара на следното рочиште лично да се појави вештакот кој ги анализирал биолошките траги на кесите и рачно напишаните ливчиња, со цел непосредно да биде сослушан за неговите наоди.
Доказната постапка продолжува на следниот судски претрес.