СДСМ најостро го осудува нападот врз официјални лица од Градот Скопје
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, најостро го осудува нападот врз официјални лица од Градот Скопје.
Овој брутален напад е последица на атмосферата на страв и беззаконие што ја создава оваа власт.
Овој напад е уште еден доказ дека кога се зборува за криминал, кога се откриваат злоупотреби, институциите не ве штитат — туку ве оставаат на милост и немилост на насилниците.
Со недели наназад, јавноста гледаше како во Скопје се откриваат скандали, дивоградби, приклучоци, милионски малверзации, но наместо истрагите да завршат со расчистување на криминалот, завршија со закани. Наместо институциите да ги казнат криминалците, молчеа. Наместо полицијата да ги заштити граѓаните и правото — дозволи ова да се случи.
Ваквиот напад е срам за државата и порака до сите граѓани дека ако зборуваат за криминал и неправда, ќе бидат замолчени со сила.
Бараме од Министерството за внатрешни работи и од обвинителството да постапат веднаш и да ја преземат целата одговорност за неделувањето со кое го овозможија овој напад. Да се расчисти до крај, а насилниците да бидат изведени пред правдата без одлагање.
СДСМ најостро го осудува овој напад и повторуваме, Владата мора да престане да ги штити криминалците и да почне да ја штити правдата.
Државата не смее да биде заложник на мафијата и на оние што со закани и со сила се пресметуваат со секој кој се обидува да открие криминал.
Демократската унија за интеграција најостро го осудува нападот врз градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, кој се случил за време на извршувањето на нејзините службени обврски на територијата на Општина Чаир.
„Актите на насилство, вербалните напади и обидите за попречување на институционалните претставници во извршувањето на нивните обврски претставуваат директен напад врз демократскиот поредок и функционирањето на правната држава. Независно од политичката припадност или институционалната функција, ниту еден функционер не смее да биде предмет на јавен линч или физичка и вербална агресија. ДУИ го смета овој чин за срамен и неприфатлив и апелира до надлежните органи веднаш да реагираат, да ги идентификуваат и санкционираат сторителите согласно законот. Демократската унија за интеграција ќе продолжи да го брани уставниот поредок, интегритетот на институциите и демократската соживот во земјата“, велат од ДУИ.
Форумот на жени на ЛДП најостро го осудува нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска
„Форумот на жени на Либерално-демократската партија (ЛДП), гласно и недвосмислено ги осудува сите форми на родово базирано насилство врз жените во политиката, без исклучоци – без оглед на етничката или политичката припадност.
Насилството врз жените во политиката има штетно влијание не само врз поедини жени и нивната благосостојба, туку и врз општата мотивација на жените активно да се вклучат во политичкиот и општествениот живот.
Мораме како општество да ставиме крај на физичката и вербалната агресија кон жените во политиката. Форумот на жени при ЛДП бара конкретни мерки и санкции, затоа што ако не реагираме сега, директно ги загрозуваме основите на едно демократско и правично општество“.
ДОМ за нападот врз Арсовска: Насилството и дивоградбите не смеат да ја урнат демократијата
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) најостро го осудува нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, кој се случил пред полициска станица, во присуство на полиција и пред очите на јавноста.
Без разлика на политичките разлики или несогласувања, насилството е неприфатливо и мора да биде јасно санкционирано. Овој инцидент го надминува прашањето на лична безбедност, станува збор за напад врз жена во политика, врз носителка на јавна функција и врз институционалниот интегритет.
ДОМ потсетува дека со години се залага за безбедна јавна средина, политичка култура без насилство и поддршка за жените во политика и јавниот живот. Денешниот настан покажува дека тие заложби не се декларативни, туку итно неопходни.
Молкот од институциите во вакви случаи може да значи само охрабрување на насилството и легитимизација на урбаната мафија, која го претвора јавниот простор во Скопје во зона на страв, закани и неказнивост.
Бараме брза, одлучна и транспарентна интервенција од МВР и Јавното обвинителство за ваквите случаи како и за инцидентот со советничката Ирина Витина никогаш повеќе да не се повторат во иднина.
Градската организација на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија – Скопје најостро го осудува секој облик на насилство, закани и притисоци врз избрани функционери, без разлика на политичката припадност.
Во демократска и правна држава, ваквите појави се недозволиви и мора да бидат санкционирани со полна сила на институциите, за да ја зачуваме вербата во системот и владеењето на правото.
Очекуваме надлежните органи без одлагање да го расветлат случајот, да ги утврдат сите факти и да обезбедат целосна транспарентност пред јавноста. Политичките разлики се природни и потребни во едно демократско општество, но никогаш не смеат да се претворат во говор на омраза, лични напади или закани.
Веруваме дека Скопје може и мора да се води со разум, достоинство и визија. Затоа остануваме доследни на вредностите на дијалогот, почитта и зрелото управување, затоа што Скопје заслужува управување кое ги чува неговите корени и го носи кон светла иднина.
И од Алијанса за Албанците се јавија со осуда:
„Остро го осудуваме физичкиот напад и заканите врз градоначалничката на град Скопјe, Данела Арсовска, и тимот што ја придружуваше за време на инспекцијата на неовластени градби во Скопјe. Овој напад треба да биде многу сериозен аларм за функционирањето на законот и за тоа каде се движи оваа земја. Ако градоначалник на главниот град може толку лесно да биде нападнат од банди, што останува за обичните граѓани. Насилството е неподносливо под никакви околности, а кога се врши и врз службени лица и градоначалник, тоа докажува дека во оваа земја повеќе нема закон, безбедност или правда. Оваа слика не личи на земја кандидат за членство во Европската Унија и уништува сè што е постигнато досега.
Бараме од Министерството за внатрешни работи и од Обвинителството итно и ефикасно да го истражат овој случај, да ги санкционираат сторителите и да докажат дека не го бранат насилството и криминалот.
Криминалот и хаосот во Скопјe, а особено во албанските населби, не можат да се прикријат со закани и акти на насилство. Особено албанските населби мора итно да се ослободат од несигурноста, од сквотирањето и од урбаната мафија што ги претвори најубавите населби на главниот град во гета“, велат од таму.